КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИТЕ ЗА ПОРОДУВАЊЕ

Девет месеци поминуваат изненадувачки брзо. Најдобро е да бидете подготвени кога ќе дојде време да се запознаете со вашето бебенце, затоа имаме неколку совети како да започнете со планирањето.

Запознајте се подетално со породилниот процес:

Вие најверојатно не сакате премногу да размислувате за самиот процес, но колку повеќе се информирате за породувањето, толку полесно ќе биде да се вклучите како активен учесник во процесот и да одлучите која е најдобрата опција за вас. Зошто не се обидете со часови за породување? Таму можете да научите за различните начини на кои што може да се одвива породилниот процес, нивоата на породувања, опции за да ја ублажите болката и техники за дишење. Часовите можете да ги посетувате заедно со вашиот партнер! Алтернативно, можете да го прашате вашиот гинеколог за сите прашања кои што си ги поставувате поврзани со породилниот процес.

 

Разговарајте за новиот член заедно со вашиот партнер или останатите деца:

Сега можеби е најдоброто време да ги дискутирате сите очекувања заедно со вашиот партнер – и неговите и вашите. Периодот пред породувањето и првите месеци потоа можат да бидат стресен период и за двајцата родители. Разговарајте како би си помогнале еден на друг или поделете ги одговорностите. Доколку имате постари дечиња, можеби ќе сакате да ги подготвите за доаѓањето на новиот член – дајте им до знаење колку се и двајцата важни за вас. Можете да разговарате за тоа на кој начин ќе се сменат секојдневните навики кога ќе пристигне бебето. Доколку се постари, можете да им раскажувате на кој начин ќе бидат вклучени во грижата за новороденчето.

 

Разговарајте со вашите пријателки кои веќе се породиле:

Доколку за прв пат го искусувате овој процес, сигурно имате многу прашања за кои не се чувствувате пријатно да го прашате вашиот доктор. На пример, некои нови мајки искусуваат пост-породилна депресија. Иако ова е сосема нормален дел од процесот, споделувањето на вашите грижи со некој кој што ги има искусено и ве разбира е многу важно. Најверојатно нема да имате иста бременост како вашите пријателки или вашата мајка, но доколку слушнете за нивните искуства, можеби ќе го олеснат вашето.

 

Подгответе ја вашата болничка торба:

Последната работа на која што сакате да размислувате кога имате породилни болки е што да спакувате во торбата која ви е потребна за во болница. Подгответе ја однапред и обидете се да не претерувате со пакувањето, но сепак да понесете се што би можело да ви треба – четка за заби, гел за туширање и шампон, удобни папучи. Доколку не сте сигурни што би можело да биде неопходно, информирајте се кај сестрите во болницата.

 

Неколку најважни работи кога ќе се вратите дома:

Се што би можело да ви биде потребно дома кога ќе се вратите од болница: пелени, влажни марамчиња, облека, безбедно место за бебето за спиење. Доколку сте одлучиле да носите градници за доење, набавете си на време. Навистина не мора да ги поседувате сите производи за бебе на самиот почеток, затоа не се грижете премногу 🙂 Фокусирајте се на навикнувањето на новата ситуација и помогнете му на бебето да се прилагоди на новиот свет.

 

Би сакале да ги слушнеме вашите мислења за оваа листа. Што сметате, кој е најважниот дел од подготовката за породување за вас?